ХИГИЕНА

ПЛАН ЗА ОДРЖУВАЊЕ ВО ХИГИЕНСКИ ИСПРАВНА СОСТОЈБА НА ОБЈЕКТИТЕ ЗА ОПШТЕСТВЕНА ИСХРАНА ВО ДЕТ. ГРАД. В. Ц.ТРЕНА ШТИП

ДОБРО ОРГАНИЗИРАНА ОПШТЕСТВЕНА ИСХРАНА, БАЗИРАНА НА ДОБРИ ХИГИЕНСКИ ПРИНЦИПИ ПРУЖА МОЖНОСТ ДА СЕ ДОБИЕ КВАЛИТЕТНА ХРАНА, КОЈА ОДГОВАРА СПОРЕД СИТЕ СТАНДАРДИ И ФИЗИОЛОШКИ ПОТРЕБИ НА ДЕЦАТА. НЕПРАВИЛНО ОРГАНИЗИРАНА КОЛЕКТИВНА ИСХРАНА НОСИ ВО СЕБЕ МНОГУ ОПАСНОСТИ ПО ЗДРАВЈЕТО.

Заради загаденоста на храната со патогени бактерии и токсични материи, може да дојде до инфекција односно интоксикација на голем број на деца, а доколку прехранбените производи не се квалитетни или пак кулинарската обработка е неправилна, може да дојде до појава на болести од недоволна исхрана. Затоа во нашата установа се трудиме да се придржуваме кон принципите кои овозможуваат квалитетна и безбедна исхрана и безбеден престој на дечињата.

Во склоп на градинката постојат четири клона во кои престојуваат околу 500 деца на целодневен престој со појадок, ручек и ужина. Оброците се приготвуваат во централната кујна во клон “Развигорче“, а потоа се распределуваат со специјално возило за таа намена во трите распределителни кујни во клоновите “Другарче“, “Пчелка“ и “Росица“.

Нашите вработени во кујните го посетија курсот за основни знаења за хигиената на храната, полагаа и добија уверенија од “Центарот за јавно здравје“ во Штип. Исто така го посетија и семинарот за имплементација на НАССР системот во произвотство на безбедна храна и се здобија со сертификат, а стекнатите знаења ги применуваат во нивната секојдневна работа. Сите вработени имаат санитарни книшки, а систематскиот преглед за бацилоносителство е задолжителен на секои шест месеци. Вработените во кујна носат бела работна облека и престилка која често се менува. Секоја вработена личност носи капа со која ја покрива косата, како не би се пренеле бактерии во храната ,задолжителни се и обувки кои се носат само во кујната. Рацете по потреба, посебно кога се чисти кујната се заштитуваат со ракавици. За одржување на личната хигиена, посебно за рацете кои се најекспонирани во работата, се користи течен сапун и дезинфекционо сретство и хартија за еднократна употреба.

Во централната кујна постои посебен одделен дел во кој се врши технолошката обработка на производите т.е. миење, чистење, груба и фина обработка на овошјето, зеленчукот и месото. Оттука се изнесуваат одпадоците во канти покриени со капак и заштитени од муви и инсекти.

Оброците се приготвуваат во казан, кипер, тенџериња, лонци, печењара, тави и др. Во посебно одделен дел се сместени мијалниците во кои рачно се мијат и дезинфицираат сите садови и приборот за јадење кој го употребуваат децата и се чуваат во покриени корпи до следна употреба. За миење се употребува детергент за садови, а за дезинфекција ИЗОСАН-Г еднаш неделно, а при појава на заразно заболување и секој ден. Сите работни површини се од росфрај кој што лесно се одржува. Подот и ѕидовите се поплочани со керамички плочки и секој ден по завршената работа детално се чистат со детергент и четка, а по потреба и се дезинфицират. Исто така секојдневно се чистат сите работни површини и мијалници со топла вода и детергент.

Фрижидерите за одржување се чистат однадвор и внатре најмалку еднаш месечно, а за длабоко замрзнување се одмрзнуват на секои шест месеци, а по потреба и почесто. На секој фрижидер е поставен термометар кој ја покажува внатрешната температура која редовно се контролира.

Во склоп на кујната одделена со шалтер се наоѓа трпезарија во која исто така редовно се пребришуваат и дезинфицираат масичките и столчињата. Подот по секој оброк се чисти со четка, крпа и детергент.

Вработените во кујната секојдневно водат писмен запис за тоа што тој ден конкретно е работено во врска со хигиената.

Во магацинот производите се поделени во две простории. Во едната се сместени прехранбените продукти, а во другата средствата за хигиена, дезинфекција и др.

Прехранбените производи се наредени на полици со прописна амбалажа и декларација. На прозорците се поставени мрежи за заштита од инсекти.

Во кујните двапати годишно се врши целосна дезинфекција и дезинсекција од страна на службите на Центарот за Јавно Здравје, а еднаш годишно се врши дератизација за заштита од глодари.

За целокупната работа и посветеноста, вработените во кујните кои се дел од НАССР тимот имаат потпишано изјава дека свесно и одговорно ќе ги извршуваат своите задачи и со тоа ке придонесат за успешна имплементација на НАССР системот.